Во рамки на нашето активно учество во проектот „ЕУ за Преспа“, имплементиран од страна на УНДП и финансиран од Европската унија, ЕПИ ЦЕНТАР Интернационал ја поддржа организацијата на значајна консултативна работилница за Ажурираниот Стратегиски Акционен План (САП 2025–2030) за Преспа Парк подрачјето. Настанот се одржа на 27 јуни 2025 година во Ресен и собра засегнати страни од Северна Македонија, Грција и Албанија.
Работилницата претставуваше можност за претставување на актуелната нацрт-верзија на САП и за дискусија по веќе доставените коментари. Присутните учествуваа во отворен и конструктивен дијалог, давајќи дополнителни предлози за унапредување на содржината на Планот, со акцент на неговата идна имплементација и комуникација.
Градоначалникот на Општина Ресен, г. Јован Тоџиевски, и градоначалникот на Општина Преспа од Грција, г. Јоргос Стергиу, истакнаа дека преку отворен дијалог, посветеност и соработка, резултатите се неизбежни. Слични пораки испрати и проектната менаџерка на УНДП, д-р Маријана Милевска, нагласувајќи ја важноста од регионална координација и заеднички пристап при справување со еколошките и развојните предизвици во Преспа.
Ажурираниот САП 2025–2030 има за цел да биде применлив и ориентиран кон конкретни активности, усогласен со визијата за одржлив развој на трите земји. Планот ги опфаќа приоритетите како што се заштитата на животната средина, одржливото земјоделство, развојот на еко-туризмот и институционалната соработка, во согласност со Договорот за Преспа Парк.
ЕПИ ЦЕНТАР Интернационал со гордост придонесува во овој процес и останува посветен на поддршка на инклузивен и заснован на докази дијалог за долгорочната одржливост на Преспа.