Шар Планина е прогласена за нов национален парк, а соодветна заштита ќе добие и планината Осогово. На вчерашната седница на Владата беа усвоени иницијативите на МЖСПП за заштита на две подрачја во нашата држава – Шар Планина и Осоговските Планини, за прогласување на Шар Планина за заштитено подрачје во категоријата Национален парк и прогласување на Осоговските Планини за заштитено подрачје од категоријата V.
„Статусот на заштита беше утврден од страна на експертски тим кој спроведе студија за валоризација на подрачјата и со кои беше утврдено дека содржат високо ниво на биолошки и културни вредности за чие зачувување треба да бидат преземени мерки“, изјави министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини.
ЕПИ Центар Интернационал беше избран од страна на Министерство за Економија да ја подготви Студијата за развој на туризмот во Шарпланинскиот регион во 2008 година. Студијата имаше за цел да ги идентификува можностите, потенцијалите, слабостите за развој на туризмот во Шарпланинскиот регион, и понатаму да се користи како основа во преземање на други активности за поддршка на развојот на туризмот во регионот.
Како клучен заклучок во процесот на подготовка на студија беше дека е потребна поголема координација на регионално ниво, како и на институциите од регионално и национално ниво. Улогата на центарот за развој на регионот во овој процес е клучна и со тек на време треба да го заземе своето место на координатор на планирањето, имплементацијата и практично раководењето на регионалниот економски развој, а со тоа и на туризмот. Центарот за развој на регионот треба да го развие чувството на сопственост врз оваа студија, и предложените проекти да ги сфати како активност од чија реализација значително зависи развојот на регионот
ЕПИ ЦЕНТАР даде свој придонес и преку креирањето на физибилити студија за заштита на планината Осогово со насоки за одржлив развој преку програмата „Човекот и биосферата“ на УНЕСКО во 2015 година.
Проценката на регионот во оваа физибилити студија се заснова на сеопфатно разбирање на предностите и предизвиците што се релевантни за исполнувањето на функциите на заштита на биосферата или поточно конзервација, развој и логистичка поддршка.
За целите на оваа студија беа ангажирани седум експерти, македонски и бугарски, кои беа одговорни за осум различни сектори кои се компатибилни за темелна проценка на природното, културното и историското наследство, потенцијалот за одржлив економски развој, како и социјалната и демографската структура на целиот Осоговски регион. Подготовката на студијата бараше голема соработка меѓу сите вклучени експерти.
Иницијативите на Министерството биле усвоени на вчерашната владина седница, а во следниот период ќе се одржат и јавни расправи по предлози со локалното население.