Отпадот, особено органскиот може да биде значаен енергенс за создавање електрична енергија, а со тоа да се заштити животната средина. Затоа Проектот БИОРЕАЛ, денес во Велес ги претстави резултатите од спроведеното истражување за Искористување на органскиот отпад од винската индустрија, како и можностите за искористување на останатиот органски отпад во Вардарскиот плански регион во Република Северна Македонија.
Истражувањето е спроведено за потребите на Јавното комунално претпријатие „Дервен“, Велес, во рамките на Проектот БИОРЕАЛ, како дел од ИПА програмата за прекугранична соработка помеѓу Република Грција и Република Северна Македонија. Наодите на студијата се во насока на одржливо и ефикасно искористување на органскиот отпад кој резултира од винската индустрија во Вардарскиот плански регион како и утврдување на можностите за искористување на останатиот органски отпад во регионот, со цел оптимизирање и поефикасно управување со процесите за искористување на органскиот отпад преку целата година.
Според техничкиот експерт Славјанка Пејчиновска Андоновска био-отпадот и био-разградливиот отпад може да се користи во многу намени за да се заштити природата и да се овозможи развој на локално и државно ниво.
Био-отпадот создава големи проблеми, па така употреба на биомаса за еколошко гориво и енергија е еден од клучните предлози, на експертот за животна средина Здравко Андонов според кој инвестицијата во изградба на централа или постојка за био-гас може да се врати за период од 8 години. Исто така има поволност за потенцијалните инвеститори кои би произведувале струја со капацитет од најмалку 1 мегават. Успешни примери веќе има во Тетовскиот и Битолскиот крај, а на настанот Сашо Велковски, градоначалник на општина Свети Николе откри дека доделиле дозвола за изградба на централа за био-гас која ќе работи блиску до месниот преработувач МИК.
Главната цел е да се прикажат можните начини со кои овој специфичен отпад може да биде третиран и искористен, вклучувајќи ја и можноста за негово искористување како енергетски извор за производство на електрична енергија и/или топлина, можност за користење на повластени тарифи за користење на алтернативни извори на енергија и преглед на можностите за склучување локални јавно-приватни партнерства и зајакнување на соработката помеѓу релевантните чинители.
Понудените решенија ќе бидат дадени во насока на систематското искористување на овој специфичен отпад, со главен фокус на намалување на еколошкиот притисок и овозможување на порационално искористување на ресурсите.