Изолацијата која се наметна со ширењето на корона вирусот донесе наплив на млади луѓе кои не одат активно на факултет поради забраната за собирање на поголеми групи да се вклучат во ризични трансакции со акции.
Во слободното време кое го имаат на претек се повеќе се вртат кон тргување со акции преку платформите на фин-тек стартапите, но голем дел од нив немајќи искуство во светот на финансиите се во огромен ризик од губење на парите, како и предизвикување на последици врз финансиските пазари.
20 годишен трговец со акции преку бесплатната фин-тек платформа Robinhood направи загуба од над 700 илјади долари. За жал младиот Александар Керс од Универзитетот на Небраска изврши самоубиство по направениот долг.
Според Буртон Г. Малкил, економист од Принстон, главен директор за инвестиции на Wealthfront и автор на книгата „A Random Walk Down Wall Street“, вели дека искусните брокери користат многу аналитички методи за носење на одлуки, за разлика од неискусните млади трговци со акции кои тоа го прават со мобилни апликации.
„Корона вирусот направи уништувачка штета на здравјето и на живоста на нашата економија. Во однос на финансиските пазари, таа исто така доведе до целосна манија. Поединци, кои се дома, работат од далечина со флексибилни распореди, без социјални активности и без спортови за гледање во живо и обложување, сè повеќе се вртеа кон дневното тргување со акции на берзата“.
Мобилните апликации како Robinhood се забавни за користење, не наплаќаат провизија за извршените трансакции на финансиските пазари и се замислени како моќни дигитални алатки за припадниците на милениумската генерација кои имаат наследено долгови за нивното скапо факултетско образование.
Милениумците потешко доаѓаат до првото вработување, но и самите се колебливи да се посветат во професијата барајќи брза гратификација на нивните замисли дека заслужуваат веднаш да бидат менаџери.
Сакаат брзо да се збогатат, да најдат работа која ќе биде тренди и да се опкружени со истомисленици како на претставата која ја добиваат од социјалните мрежи, каде се изгледа совршено.
Кога плановите не им се остваруваат тука се нивните родители кои наместо да ги насочат и соочат со суровото економско опкружување и неопходноста од жртвување во младоста за напредок, тие дополнително го хранат нивното его, дека треба да се стрпат за да добијат златната шанса, а во меѓувреме ќе бидат финансиски издржувани од домот.
Малкил објаснува дека милениумците и членовите на генерацијата З, привлечени од фини финтек фирми како Robinhood со ниски трошоци за користење, доведоа до крајна нестабилност на цените на берзата.
Во екот на кризата со корона вирусот апликацијата Robinhood доби дури 3 милиони нови корисници. Повеќето од нив се млади луѓе, без соодветно економско образование, ниту искуство со тргување на акции на берзите. Аналитичарите кои доаѓаат од традиционалниот финансиски сектор иако е разбирливо да имаат отпор кон фин-тек стартапи како Robinhood, сепак треба да бидат земени во предвид како експерти кога велат дека овие активности може да имаат катастрофални последици.
Самоубиството на младиот Керс предизвика основачите на Robinhood да преземат заложби за подобрување на мобилната платформа и да не овозможат охрабрување на непотребен ризик на кои корисниците се изложуваат, притоа губејќи огромни суми на пари.
Со оглед на тоа што во Македонија финансискиот пазар е еден од најслабо развиените не само во регионот и воопшто, ниту пак има значајни фин-тек иновации насочени кон масовната популација, ризици од ваков карактер засега не се присутни, но добро ќе биде да се анализираат активностите за онлајн обложување и пристапот кој е овозможен за младите луѓе кои се досадуваат во изолација.