Во рамки на проектот „Партнерство и градење на капацитети, пат до одржлив развој“ Центарот за развој на Јабланичкиот и Пчињскиот регион, денес и утре, во Скопје одржува работилница за идентификација и подготовка на заеднички концепт проекти. На работилницата учествуваат градоначалници, претседатели на општини и претставници на локалните самоуправи од Јабланичкиот и Пчињскиот регион во Србија како и претставници на општини од северозападниот и скопскиот регион на Северна Македонија.
Целта на работилницата е препознавање на заеднички интереси и конципирање предлог проекти за што подобра подготовка за претстоечката соседска програма Србија – Северна Македонија.
Проектот „Партнерство и градење на капацитети, пат до одржлив развој” има за цел вмрежување на локалните самоуправи од Јабланичкиот и Пчињскиот регион и општините од Северна Македонија и подигнување на капацитетите на локалните самоуправи за учество во програми за прекугранична соработка. Во проектот е вклучена поддршка во подготовка и имплементација на ЕУ проекти (ИПА прекугранична соработка Бугарија – Србија и Србија – Северна Македонија).
Во октомври, претставници на градови и општини од Јабланичкиот и Пчињскиот регион во Србија и претставници на општини од северозападниот и скопскиот регион на Северна Македонија склучија партнерство и потпишаа меморандум за разбирање и соработка. На дводневната работилница ќе се направат поконкретни чекори во меѓусебната соработка.
Проектот го кофинансираат Развојната Агенција на Србија, Центарот за развој на Јабланичкиот и Пчињскиот регион и 12 единици на локални самоуправи од Јабланичкиот и Пчињскиот регион. Проектот се реализира од август минатата година.