Во тек е третиот циклус на обуки на земјоделски производители преку Проектот за управување со сливот на реката Струмица кој има за цел да воведе сеопфатни мерки со кои значително ќе се подобри еколошкиот статус на водните тела и целокупното сливно подрачје.
На денешната обука се обрна внимание зошто се троши премногу вода и како овој процес да се одвива поефикасно, поекономично и со тоа да се заштити животната средина.
Во партнерство со локалните земјоделски производители, Проектот спроведува активности за зголемување на конкурентноста на земјоделското производство во регионот и намалување на неговото влијание врз животната средина, преку воведувањето на современи, агроеколошки мерки.
Заради постигнување на овие цели, Проектот објавува повик за избор на земјоделски производители кои би се вклучиле во специјализирани обуки за агроеколошкo производство. Можност да се јават на повикот имаат производителите на овошни култури (сливи, јаболка и круши) и градинарски култури (пиперки и домати) од општините Радовиш, Конче, Струмица, Василево, Босилово и Ново Село.
Обуките се изведуваат во:
- Радовиш – за производителите на сливи, јаболка и круши;
- Струмица – за производителите на пиперки и домати (на отворено и затворено).
Во проектот е ангажирана и консултантската куќа ЕПИ ЦЕНТАР Интернационал од Скопје во спроведување на активностите.
Во рамки на проектот, за учество на обуката планирано е да се изберат до 40 производители на сливи, јаболка или круши за обуките во Радовиш и до 60 производители на пиперки и домати, на отворено и затворено, за обуките во Струмица.
По спроведувањето на обуките ќе следува тест за проверка на знаењето стекнато во рамките на програмата за обука. Врз основа на повеќе критериуми, вклучувајќи ги резултатите од тестот, 20 земјоделски производители на овошни култури (од сите општини) и 30 производители на градинарски култури (од сите општини) (вкупно 50) ќе станат корисници на грант од страна на Проектот. Предуслов за добивање на грант е резултат на тестот од најмалку 50%.
Вредноста на секој грант ќе биде до 300,000 денари, наменски средства за набавка на опрема и материјали потребни за примена на предвидените агроеколошки мерки. Предлогот за тип на опрема и материјали кои ќе бидат финансирани од проектот, ќе биде направен од страна на стручен тим во рамки на проектот, додека набавката ќе ја изврши канцеларијата на УНДП.
Проектот е финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка, а го спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во партнерство со поголем број партнери на локално и национално ниво.