Експерти од Косово и Албанија одржаа квалитетна презентација на перспективите за извоз на македонските компании на пазарите во Косово и Албанија со фокус на секторите земјоделство, градежништво и трговија, при што беа одбрани неколку клучни производи кои се најбарани кај соседите и за кои постојат големи потенцијали за освојување на пазарите.
Свои извештаи и презентација одржаа експертот за извоз и соработка во земјоделството Фатон Нагавци од Косово, како и експертот за економска соработка Марсела Маци од Албанија. Нивните наоди беа презентирани во Стопанската комора на северо-западна Македонија во присуство на десетина македонски компании со извозни потенцијали.
Овие активности се спроведуваат во рамките на Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем, а извештаите се дел и од програмата за проширување на пазарот од страна на СКСЗМ. Во проектот е ангажирана и консултантската компанија ЕПИ ЦЕНТАР Интернационал од Скопје.
На средбата се дискутираа можностите за проширување на домашните компании на пазарот во Албанија и Косово, разните бариери со кои се соочуваат компаниите како и многуте можности на нивно надминување преку взаемна соработка.