Во текот на изминатата година ЕПИ ЦЕНТАР Интернационал активно се посвети на подготовката на првиот предлог текст на Законот за практикантство како главен имплементатор на проектот на УСАИД Партнерство за подобра бизнис регулатива.
Преку овие активности Законот за практикантска работа за првпат се воведува во правната регулатива на Република Македонија, со што се пополнува една празнина и на одреден начин се решава јазот помеѓу знаењата и вештините и понудата и побарувачката на пазарот на трудот. Спроведувачите на овој проект направија опсежна анализа на анкети направени на над 800 студенти и корисници на активните мерки на АВРМ.
Според резултатите на спроведената анкета 94,5% од испитаниците кои посетувале практикантската работа сметаат дека истата придонела за градење на подобра лична биографија како и зголемување на можноста за вработување. Од друга страна на 42.96% од испитаниците им било понудено вработување најдоцна една година по завршувањето на практикантскиот ангажман.
Ваквите резултати дополнително ја потврдија потребата од подготовката на овој закон и за засилија соработката помеѓу релевантните институции, стопанските комори, невладиниот сектор и сите социјални партнери во државата, со цел да се дефинираат условите под кои треба да се одвива практикантската работа и како да се дизајнира решение кое ќе функционира на долг рок.
Како резултат на проектните активности, во текот на изминатата недела започна и јавната расправа за новиот Предлог закон за практиканство, со кој правно се регулира оваа дејност и преку кој се дефинираат правата и обврските на практикантите – лица од 15 до 29 години. Целта на овој закон е компаниите ќе добијат можност да ангажираат млади практиканти и да добијат кадар според своите потреби, додека пак младите ќе имаат можност да учат и да стекнуваат искуство, а истовремено за тоа време и да бидат платени. Главните резултати коишто се очекуваат се да влијае врз намалувњето на невработеноста во државата, особено помеѓшу помладите луѓе, а компаниите да добиваат способен и корисен млад кадар кој ќе биде главната движечка сила на домашната економија.
Носител на Предлог законот за практиканство е Министерството за труд и социјална политика, а истиот е изработен со поддршка на УСАИД проектот Партнерство преку подобра бизнис регулативa, кој го спроведува ЕПИ ЦЕНТАР Интернационал во соработка со четирите стопанските комори: Стопанска комора на Македонија, Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ, Стопанска комора на северозападна Македонија и Сојуз на стопански комори на Македонија. Во изработката на законот беа вклучени сите социјални партнери и претставници на невладиниот сектор, а е резултат од барањата и предлозите на работодавачите и невработените лица.
Предлог текстот на Законот беше објавен на www.ener.gov.mk на 4 септември 2018, каде истиот е достапен за јавно коментирање и доставување предлози за дополнувања и измени.